Ekip
24 Септември 2020•Ажурирај: 26 Септември 2020
ЏЕДА
Поранешниот шеф на Саудиската разузнувачка служба, принцот Турки ал Фаисал, изјави дека претседателот на САД, Доналд Трамп, не е чесен посредник меѓу арапскиот свет и Израел, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Принцот Фаисал во синоќешното обраќање од Џеда за американската телевизиска куќа „Си-ен-би-си“ (CNBC) изјави дека неговиот татко, поранешниот крал Фаисал бин Абдул Азиз, би бил разочаран поради договорите што ги потпишаа Обединетите Арапски Емирати и Бахреин, и тоа без решение за прашањето на Палестина.
„Морам да кажам дека претседателот Трамп не е чесен посредник. Па да, мислам дека поранешниот крал би бил разочаран“, рече принцот Фаисал.
Саудискиот принц кој беше шеф на „Ал Макхабарат ал Аммаха“, разузнавачката агенција на Саудиска Арабија, а подоцна и амбасадор на таа земја во Велика Британија и САД, истакна дека неговиот татко своевремено наметнал нафтени санкции кон САД, со цел да ја присили светската сила да биде искрен посредник меѓу Израел и арапскиот свет.
Кралот Фаисал, кој владееше со Саудиска Арабија од 1964 до 1975 година, беше познат по наметнувањето на нафтени санкции по одлуката на САД за зголемување на помошта за Израел во текот на Арапско-израелската војна во 1973 година.
„Белата куќа не даде коментар на изјавата на принцот Фаисал“, наведува „Си-ен-би-си“.
Обединетите Арапски Емирати и Бахреин на 15 септември во Белата куќа со Израел потпишаа договори за нормализација на односите, игнорирајќи го палестинското незадоволство. Саудиска Арабија досега јавно ниту ги осуди, ниту ги поддржа овие договори.