Nour Mahd Ali Abu Aisha,Zeynep Hilal Karyağdı
06 Април 2018•Ажурирај: 07 Април 2018
ГАЗА (АА) - Израелските војници кои под блокада го држат Појасот Газа, отворија оган врз Палестинците за време на мирните демонстрации на границата. Во настанот животот го загубија 2 лица, а голем број демонстранти се ранети, јавува Anadolu Agency (AA).
Во писменото соопштение што го објави министерството за здравство на Газа, се вели дека израелските војници отвориле оган врз демонстрантите на источната граница на Хан Јунус, при што животот го загубиле Усаме Хамиш Кадих (38) и Меџди Рамазан Шебат.
Се истакнува дека од дејството на солзавецот кој го користеле војниците, повредени се 250 лица.
Од минатиот петок досега, бројот на загинати Палестинци се искачи на 24 лица.
Минатата недела на границата на Газа, која е под блокада, Палестинците започнаа мирни демонстрации под мото „Марш на големо враќање“ кој продолжува и денеска и покрај заканите од страна на Израел.
- „Марш на големо враќање“
Во рамките на одбележувањето на 42. годишнината од Денот на земјата, Палестинците од 30 март организираат мировни протести во пограничното подрачје на Појасот Газа со Израел, кој се наоѓа под блокада. Израелските војници отвораат оган со вистински куршуми врз цивилното население, кое повикува на „враќање на териториите од кои се протерани и отстранување на бесправната блокадата врз Газа која се спроведува од 2006 година наваму“.
Палестинците планираат започнатите мирни демонстрации под мотото „Марш на големо враќање“ да продолжат во тек на шест недели. Една од причините за продолжувањето на протестите во текот на шест недели веројатно е тоа што САД објави дека во тој период ќе ја префрли амбасадата од Тел Авив во Ерусалим (Кудс).
- Што е Ден на земјата? -
На 30 март 1976 година, Израел конфискуваше илјадници декари земја која им припаѓа на Палестинците. Како реакција на тоа, палестинскиот народ започна генерален штрајк и организираше протести.
Израелската полиција отвори оган, уби шестмина Палестинци, учесници во протестите, и рани голем број од нив.
Овој настан кој се одбележува како „Ден на земјата“, стана симбол на отпорот што Палестинците го покажуваат по прашањето за земјата, која е извор на судири меѓу Израел и Палестина.