ТРИПОЛИ/ИСТАНБУЛ (АА) – Активистите кои патуваат кон Газа во рамки на Конвојот на отпорот од Магреб повикаа на итен прекин на израелската блокада врз енклавата, апелирајќи до арапските влади да го осудат израелскиот геноцид над Палестинците, јавува Анадолу.
Конвојот – составен од околу 2.000 активисти од Алжир, Тунис, Мароко, Мавританија и Либија – е дел од поширока меѓународна кампања за испорака на хуманитарна помош за Газа и зголемување на притисокот врз Израел за укинување на блокадата.
Конвојот тргна од главниот град на Тунис во понеделникот, започнувајќи копнено патување кон Појасот Газа, со цел да се пробие израелската опсада врз палестинската територија.
Вчера пристигна во Либија, каде што преноќи во градот Завија. Следната станица му е градот Мисрата, од каде ќе продолжи кон Египет.
„Оваа иницијатива беше започната во координација со други групи низ светот кои работат на пробивање на блокадата на Газа по море, воздух и копно“, изјави за Анадолу Хаифа Мансура, активистка од Тунис и една од организаторките на Конвојот.
Конвојот вклучува околу 120 возила и 12 автобуси. Во Каиро се очекува да се приклучат и активисти од речиси 50 земји, кои ќе пристигнат по воздушен пат за да ја поддржат кампањата.
Либискиот организатор Ахмед Абдулгани истакна дека Конвојот има цел и да ја испорача финансиската помош собрана во Либија за палестинскиот народ во Газа.
„Сведочиме на две години од најужасните злосторства во историјата. Ниту еден муслиман — па дури ни немуслиман — не може да остане рамнодушен на ова“, рече Абдулгани.
Новинарката и активистка од Тунис, Фадија ал-Хусеини, ја критикуваше тишината на арапските влади во однос на ситуацијата во Газа.
„Главното прашање на Конвојот е за тишината на Арапите пред тишината на Европа“, рече Ал-Хусеини.
„Каде се народите од арапските земји – тие треба да се грижат повеќе за палестинското прашање отколку европските општества?“, запраша таа.
Портпаролот на Конвојот, Набил Шануфи, изјави дека сè уште не е јасно дали ќе им биде дозволен влез во Египет.
Тој рече дека имале средба со египетскиот амбасадор во Тунис, но дека не добиле конкретен одговор.
Тој додаде дека дозволата за влез би била и во интерес на Египет и изрази надеж дека официјалните власти ќе ја поддржат нивната мисија.
news_share_descriptionsubscription_contact
