Турско МНР: Обезбедивме секаков вид конзуларна поддршка за турските државјани на бродот „Мадлин“ задржан од Израел
- Извори од Министерството за надворешни работи на Турција информираа дека обезбедиле секаков вид конзуларна поддршка за турските државјани на бродот „Мадлин“, кој носеше хуманитарна помош за Газа, а беше задржан од Израел,

АНКАРА (АА) - Извори од Министерството за надворешни работи на Турција информираа дека обезбедиле секаков вид конзуларна поддршка за турските државјани на бродот „Мадлин“, кој носеше хуманитарна помош за Газа, а беше задржан од Израел, додавајќи дека семејствата на овие лица се информирани за целиот процес, известува Анадолу.
Според информациите добиени од извори од турското МНР, турските државјани на бродот задржан од израелските сили синоќа се симнале на брегот.
Службеници од Амбасадата на Турција во Тел Авив ова утро се сретнале со лицата што биле на бродот.
Овие извори информираа дека на турските државјани им е обезбеден секаков вид конзуларна поддршка и дека семејствата на овие лица се информирани за целиот процес.
- На бродот има 12 активисти
Бродот долг 18 метри тргна кон Газа од пристаништето Сан Џовани Ли Кути во градот Катанија, Италија, на 1 јуни, како дел од најновата мисија организирана од граѓанската организација Коалицијата „Флотила на слободата“ за пробивање на блокадата во Газа и доставување помош во регионот.
Активистите на бродот „Мадлин“ најавија дека ќе продолжат со својот мирен став и нема да се спротивстават доколку израелската армија интервенира.
Израелската армија интервенираше на бродот „Мадлин“, кој имаше цел да ја пробие блокадата врз Газа.
На бродот се наоѓале вкупно 12 лица, 11 активисти и еден новинар.
Меѓу нив се францускиот пратеник во Европскиот парламент (ЕП) Рима Хасан, германската државјанка Јасемин Аџар, Хусеин Шуајб Орду од Турција, Тијаго Авила од Бразил, Серхио Торибио од Шпанија, Марко ван Рен од Холандија, Баптист Андре, Рева Вијард, Паскал Мориерас и Јанис Мамди од Франција, шведската климатска активистка Грета Тунберг и новинарот Омар Фајад.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.