Sinan Doğan
01 Јуни 2021•Ажурирај: 02 Јуни 2021
БОГОТА (АА) - 48 лица, меѓу кои и еден полицаец, ги загубија животите во антивладините масовни демонстрации во Колумбија од 28 април досега, известува Агенција Анадолија (АА).
Според последниот извештај на Кабинетот на колумбискиот Народен правобранител, досега во текот на 33-дневните демонстрации, животот го загубиле 48 лица, а смртта на 20-мина од нив е директно поврзана со протестите.
Независните невладини организации во земјата тврдат дека е многу поголема бројката на загинати во демонстрациите што започнаа со националниот штрајк против даночните реформи во земјата.
Од друга страна, во Колумбија, во моментов, заедно со протестите што сè уште траат со намален интензитет, студентите одржаа мирни демонстрации во главниот град Богота.
На 28 мај, кога се навршуваше еден месец од почетокот на демонстрациите, за време на антивладините протести на кои на улиците низ целата земја излегоа илјадници луѓе, животот го загубија 13 лица во Кали, а повредени беа 185 лица во Богота и 16 во Меделин.
Откако некои демонстрантски групи оштетија банки, автобуски постојки и работни простории, полицајците од колумбиската единица ЕСМАД за реакција при социјални настани интервенираа со солзавец врз демонстрантите.
По средбата на претседателот Иван Дуке со локалните власти во Кали на 28 мај, војниците презедоа мерки на претпазливост на важните улици и плоштади во градот.