Zehra Ulucak
16 Јуни 2018•Ажурирај: 17 Јуни 2018
ВАШИНГТОН (АА) - Kако последица од американската политика на нулта толеранција кон илегалните мигранти кои ја преминуваат границата на Соединетите Американски Држави (САД), во периодот од 19 април до 31 мај оваа година, околу 2.000 деца беа одвоени од своите семејства, јавува Anadolu Agency (AA).
Политиката на нулта толеранција кон илегалните мигранти беше започната од страна на министерот за правда Џеф Сешнс и Министерството за внатрешна безбедност на САД, а според податоците од овие институции, во периодот од 19 април до 31 мај од семејствата се одвоени најмалку 1.995 деца.
Портпаролката на високиот комесар на ОН за човекови права (ОХЦР), Равина Шамдасани, неодамна рече дека е значително загрижена поради политиката на Трамп за „нулта толеранција“ со цел да се спречи илегалната миграција.
Шамдасани, повикувајќи се на податоци од невладините организации во САД, истакна дека од октомври минатата година, стотици деца биле одвоени од своите семејства, а меѓу нив се наоѓа и дете на возраст од една година.
„САД мораат веднаш да ја сопрат оваа практика“, рече Шамдасани.
Речиси 11,2 милиони мигранти живеат во САД, меѓу кои повеќето се Мексиканци.
Американскиот претседател Доналд Трамп во првата недела од неговиот мандат потпиша серија одлуки кои ги вети за време на неговата кампања.
Една од одлуките која покрена бројни расправи е изградбата на ѕид долж границата со Мексико, кој Трамп го најави со цел да се спречи влез на илегални мигранти од Мексико во САД и да се спречи шверцот со дрога.