Ayhan Şimşek
05 Декември 2016•Ажурирај: 06 Декември 2016
БЕРЛИН (АА) - Групата европски активисти, кон крајот на декември планира да организира голем марш од Берлин до Алепо, со кој ќе се повика на прекин на бомбардирањата во кои умираат илјадници цивили во овој сириски град, јавува Anadolu Agency (AA).
Полската новинарка и блогерка, Ана Албот, која е иницијатор на идејата, за АА изјави дека очекува кон маршот на 26 декември во Берлин да се придружат стотици граѓани.
„Нашата главна цел, нашиот сон е да се спречи она што се случува во Алепо и на цивилите да им се достави хуманитарна помош. Тоа е суштината“, изјави Албот.
Во источниот дел на Алепо, околу 300.000 цивили се под опсада речиси три месеци. Во истиот дел на градот, од средината на ноември оваа година се убиени 758 цивили, додека 2.500 се повредени во нападите на режимските сили.
Албот тврди дека многумина Европјани се чувствуваат немоќно пред суровите случувања во Алепо, па поради тоа се одлучиле за акција.
„Сакаме да им дадеме надеж на жителите на Алепо“, порача новинарката.
Таа и нејзините пријатели активисти минатата недела на социјалните мрежи креираа страници со наслов „Цивилен марш за Алепо“ (Civil March For Aleppo).
Се верува дека на маршот во Берлин ќе се придружат околу 5.000 лица.
Албот нагласува дека оваа акција нема врска ниту со една политичка партија или организација, туку е иницијатива на неколку десетици волонтери од разни делови на Европа.
„Поголемиот дел од луѓето во нашиот тим доаѓаат од различни европски земји, ги има околу 120. Тие се на возраст помеѓу 30 и 40 години. Ниедна група не стои зад нас“, нагласи Албот.
Таа ги повика сите граѓани, вклучувајќи ги и членовите на политичките организации и партии, и сите оние што се загрижени поради ситуацијата во Сирија, да им се придружат на маршот на кој ќе носат бели знамиња.
Планирано е од Берлин, маршот да продолжи низ Чешка, Австрија, Словенија, Хрватска, Србија, Македонија, Грција и Турција, односно по таканаречената бегалска рута, но во спротивен правец.