Halit Süleyman,Mohamad Misto,Selen Temizer
05 Декември 2016•Ажурирај: 06 Декември 2016
АЛЕПО (АА) - Како последица на воздушните и копнените напади на источниот дел на сирискиот град Алепо, со работа престанаа болниците, училиштата, пекарниците... На ранетите цивили им се укажува помош на различни начини и на различни места.
Лекарите прават операции во подрумот на болницата „Кудус“ во Алепо како и во останатите бомбардирани згради, кои по интензивните напади повеќе не се во функција, јавува Anadolu Agency (AA).
Директорот на болницата, Хамза Хатиб, потврди дека по нападите врз оваа болница, лекарите продолжиле да работат во подрумите. Болницата лоцирана во населбата Сукери, која е под контрола на сириската опозиција, за прв пат е бомбардирана на 29 април.
Хатиб истакна дека се бомбардирани и складиштата со лекови и дека е зголемен бројот на смртно настраданите и ранетите цивили кои се обидуваат да дојдат до подрачјата што се под контрола на сириската опозиција. Хатиб во Алепо работи од 2012 година.
„Во овој период видов најжестоки напади и најмногу човечки загуби од почетокот на војната. Најмногу операции во Алепо направивме во овој временски период. Укажуваме прва помош и по домовите. Операции на ранетите правиме во подрумите на куќите, станбените згради и јавните институции“, раскажа лекар од источниот дел на Алепо.
Режимските сили и шиитската милиција веќе 20 дена изведуваат воздушни и копнени напади на населбите во источниот дел на Алепо, кој е под контрола на опозицијата. Опозицијата претходно контролираше територија од 45 квадратни километри, а сега контролира подрачје од 25 квадратни километри.
Руската страна тврди дека тие не учествуваат во воздушните напади врз Алепо.
Според податоците добиени од екипите на цивилната заштита, поради тоа што не можеле да го напуштат подрачјето на кое дошло до судири, 35.000 лица во источен Алепо се наоѓаат на територијата што ја зазеле режимските сили и сирискиот огранок на терористичката организација ПКК, ПЈД.
Алепо е втор по големина град во Сирија. Центарот на градот е оддалечен 40 километри од границата со Турција. Западниот дел од центарот на Алепо го контролира режимот, а источниот опозицијата.
Податоците на Дирекцијата за здравство во Алепо покажуваат дека населението веќе 101 ден нема можнот да ги исполни основните хуманитарни потреби. Веќе три недели во градот, болниците, медицинските центри, пекарниците и училиштата не работат.