Adam Abu-bashal
25 Мај 2020•Ажурирај: 26 Мај 2020
АБУЏА (АА) - Во североисточниот дел на Нигерија во рамки на операциите извршени во последните 6 недели против терористичката организација Боко Харам, убиени се над 1.000 припадници на оваа организација, јавува Агенција Анадолија (АА).
Началникот на Генералштабот на нигериската Војска, Тукур Буратаи, во изјава за медиумите истакна дека Војската веќе месец и пол спроведува операции против Боко Харам во нигериските сојузни државни Борно, Адамава и Јобе.
Буратаи информира дека во рамки на операциите извршени во последните шест недели, убиени се 1.015 припадници на оваа организација, додека стотици терористи избегале ранети.
Според него, во овие операции фатени се 84 терористи и запленети се 150 возила, како и големо количество оружје и муниција што им припаѓале на овие терористи.
Тој рече дека во овие операции смртно настрадале 11 војници.
Инаку, над 20.000 лица загинаа во масовните насилни настани извршени од 2009 година досега од страна на терористичката организација Боко Харам, која во Нигерија се појави од почетокот на 2000-тите години.
Оваа терористичка организација од 2015 година досега врши напади и во соседните земји, како во Камерун, Чад и Нигер, во кои загинаа најмалку 2.000 лица.