Ömer Faruk Yıldız
02 Април 2021•Ажурирај: 03 Април 2021
КУАЛА ЛУМПУР (АА) - Де факто лидерката на Мјанмар, Аунг Сан Су Чи, која беше приведена откако хунтата ја презеде власта во земјата на 1 февруари, вчера беше обвинета во Воениот суд за кршење на Законот за државни тајни, јавува Агенција Анадолија (АА).
Адвокатот на Су Чи, Кин Маунг Зау, ја објави веста додека зборуваше пред новинарите по сослушувањето во Јангон.
Законот забранува поседување, објавување или споделување на државни информации што можат да бидат од корист на непријателите на земјата.
Су Чи во средата првпат разговараше со нејзиниот адвокат преку телеконференција и објави дека е во добра здравствена состојба.
Воениот суд ја обвини Су Чи за мито на 18 март, тврдејќи дека таа примила мито од 550.000 долари од управител на градежна компанија во 2018 година.
Таа беше обвинета на претходните рочишта за кршење на законите за увоз и извоз на земјата, дека не го почитува Националниот закон за управување со катастрофи и за проневера.
Армијата на Мјанмар на 1 февруари ја собори избраната Влада на Аунг Сан Су Чи. Како одговор на пучот, цивилите во групи низ земјата со масовни демонстрации започнаа кампања за граѓанска непослушност.
Над 500 демонстранти ги загубија своите животи во вооружената интервенција на безбедносните сили.
Додека во земјата продолжуваат големите демонстрации, на високите државни функционери во притвор продолжува да им се суди пред Воениот суд.