Amir Latif Arain
03 Април 2025•Ажурирај: 04 Април 2025
КАРАЧИ (АА) - Продолжуваат напорите за пронаоѓање на преживеани откако бројот на загинати во силниот земјотрес со интензитет од 7,7 степени што го погоди Мјанмар минатиот петок надмина 3.000, а стотици сè уште се водат како исчезнати, пренесоа државните медиуми денес, јавува Анадолу.
Во Мандалај спасувачите извлекоа преживеан од урнатините на хотел, 125 часа по земјотресот.
Бројот на загинати заклучно со вчерашниот ден достигна 3.003, а пријавени се 4.515 повредени и 351 исчезнато лице, соопшти Амбасадата на Мјанмар во Јапонија на Фејсбук.
Најмалку 15 лица загинаа, а 72 се водат како исчезнати во соседен Тајланд откако незавршен облакодер се урна поради потресот, чиј епицентар беше во регионот Сагаинг во Мјанмар.
Земјотресите со интензитет од 7,7 и 6,4 степени најмногу го погодија централниот дел на земјата – дом на 28 милиони луѓе – уривајќи згради и оставајќи цели заедници без храна, вода и засолниште.
Метеоролошките власти прогнозираат невообичаени дождови почнувајќи од 11 април, што би можело да претставува нов предизвик за спасувачите и хуманитарните работници што се обидуваат да стигнат до погодените области во земјата разорена од граѓанска војна.
Досега во Мјанмар пристигнаа 53 хуманитарни лета, а повеќе од 1.900 спасувачи дошле од 15 земји, меѓу кои и од соседните југоисточни азиски држави, како и од Кина, Индија и Русија.
Воената хунта што управува со земјата вчера прогласи тринеделен прекин на огнот со бунтовниците за да се овозможат спасувачките операции.
Во военото соопштение се вели дека примирјето, кое ќе трае до 22 април, ќе овозможи полесно спроведување на хуманитарните активности по катастрофата.
Овој потег следуваше откако голем бунтовнички сојуз во вторникот прогласи прекин на огнот за да помогне во хуманитарните напори.
Во Мјанмар имаше 66 последователни потреси со јачина од 2,8 до 7,5 степени, соопшти Одделот за метеорологија и хидрологија на земјата.