Ekipa
09 Јануари 2017•Ажурирај: 09 Јануари 2017
ЈАНГОН (АА) - Официјални претставници на локалните власти во Мјанмар соопштија дека диви слонови усмртија пет лица во селото Синт Кин, во североисточниот дел на Мјанмар, јавува Anadolu Agency (AA).
Вчера, во раните утрински часови, три слона упаднаа во селото Синт Кин во североисточната држава Шан, при што усмртија пет селани, меѓу кои деветгодишно момче, а уништија и неколку куќи.
„Слоновите усмртија три жени и едно момче. Подоцна, надвор од селото е пронајдено и телото на еден човек“, потврди за АА Све Теин од локалниот оддел за шумарство.
Ваквите инциденти не се реткост во руралните области на Мјанмар, каде што уништувањето на шумите резултираше со зачестување на конфликтите меѓу селаните и слоновите. Според локалните медиуми, од 2010 година до 2016 се случија повеќе од 70 инциденти со диви слонови, во кои загинаа најмалку 15 луѓе.
„Борбата за земјиште и храна ги тера слоновите да влегуваат во конфликт со луѓето“, вели Све Теин.
Според податоците на Министерството за шумарство, површината на шумите во Мјанмар во последните 25 години е намалена за речиси 20 проценти. Покрај тоа, во последниве децении во земјата значително е намалена популацијата на диви слонови.
Во џунглите на Мјанмар во моментов има околу 3.000 диви слонови, што е половина помалку во однос на шеесеттите години од минатиот век.