Ömer Faruk Yıldız
04 Февруари 2021•Ажурирај: 04 Февруари 2021
КУАЛА ЛУМПУР
Армијата на Мјанмар, која ја зазеде администрацијата со образложение дека општите избори одржани на 8 ноември 2020 година во земјата не биле фер, одлучи привремено да ја затвори страницата за социјални медиуми „Фејсбук“, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението од Министерството за комуникација и информации во Мјанмар, се наведува дека на државната телеком-компанија MPT и на приватните интернет-сервери во земјата им е наредено да го блокираат пристапот до „Фејсбук“ до 7 февруари. Во изјавата на Министерството се истакнува дека одлуката е донесена за обезбедување стабилност во земјата.
„Во моментов, некои лица споделуваат лажни вести и информации на „Фејсбук“, со што се предизвикуваат недоразбирања во јавноста“, се нагласува во соопштението.
Следејќи ги упатствата на Владата, државната телеком-компанија MPT, која има 23 милиони корисници, ги забрани апликациите „Фејсбук“, „Инстаграм“ и „Ватсап“, додека другите интернет-сервери го блокираа само „Фејсбук“.
Портпаролот на „Фејсбук“, Енди Стоун, исто така потврди дека во Мјанмар не може да се пристапи до нивната социјална мрежа.
-Воен удар во Мјанмар
Тензиите во Мјанмар ескалираа поради тврдењата дека на изборите на 8 ноември 2020 година се направени манипулации. Генералштабот на 28 јануари ја повика Владата да ги разјасни обвинувањата за манипулација на изборите.
Армијата на Мјанмар ја презеде власта на 1 февруари, и прогласи воена состојба во траење од една година. Беа притворени претседателот Вин Минт, челничката на земјата, Су Чу и останатите водечки членови на владејачката партија Национална лига за демократија (НЛД).
Во следните денови, Армијата на Мјанмар изврши рација во партиските штабови на владејачката партија Национална лига за демократија (НЛД), запленувајќи компјутери и документи.
Началникот на Генералштабот, Мин Аунг Хлаинг, кој ја презеде администрацијата во земјата, вети дека ќе се одржат демократски избори по завршувањето на воената состојба.