Davut Demircan
28 Декември 2019•Ажурирај: 29 Декември 2019
ОБЕДИНЕТИ НАЦИИ (АА) - Генералното собрание на Обединетите нации (ОН) донесе резолуција со која остро го осудува Мјанмар за кршење на човековите права на муслиманите Рохинџи, јавува Агенција Анадолија (АА).
Резолуцијата, усвоена со 134 гласа против 9 во петокот, ја повикува Владата на Мјанмар да преземе итни мерки за спречување на кршењето на човековите права, вклучувајќи тортура, силувања и неосновани апсења на малцинствата во регионот, особено на муслиманите Рохинџи.
Резолуциите на Генералното собрание не се правно обврзувачки, но тие ги одразуваат ставовите на Собранието за злоупотребата на човековите права во Мјанмар.
Минатата недела Обвинителството при Меѓународниот кривичен суд во Хаг соопшти дека е завршена прелиминарната истрага што започна минатата година за злосторствата против човештвото извршени од Мјанмар.
Муслиманите Рохинџи, опишани од ОН како најпрогонуваната заедница во светот, се соочија со зголемени стравувања од напади, откако десетици беа убиени во насилствaта во 2012 година.
Според „Амнести интернешнал“ (Amnesty International), над 750.000 муслимани Рохинџи, од кои најмногу деца и жени, избегале од Мјанмар и преминале во Бангладеш, откако безбедносните сили на Мјанмар започнаа репресивни мерки против муслиманското малцинство во август 2017 година, зголемувајќи го бројот на прогонети во Бангладеш на над 1,2 милиони.
„Од 25 август 2017 година, речиси 24.000 муслимани Рохинџи се убиени од страна на безбедносните сили на Мјанмар“, се вели во извештајот на Меѓународната агенција за развој Онтарио (OIDA).
„Над 34.000 Рохинџи се фрлени во огнената стихија на запалените села, а над 114.000 беа претепани“, се додава во извештајот на Агенцијата насловен „Присилна миграција на Рохинџите - нераскажано искуство“.
Се наведува дека околу 18.000 жени и девојчиња Рохинџи се силувани од војската и полицијата на Мјанмар, над 115.000 домови на муслиманите Рохинџи се запалени, а 113.000 други вандализирани.