Ekipa
15 Март 2021•Ажурирај: 15 Март 2021
МЈАНМАР (АА) - Мјанмарскиот режим воведе воена состојба во две погусто населени области во Јангон, еден ден откако безбедносните сили убија 40 демонстранти кои бараа враќање на цивилното право, јавува Агенција Анадолија (АА).
Државниот административен совет, предводен од воениот началник и лидер на пучот што се случи на 1 февруари, Мин Аунг Хлаинг, го засили насилството за да ги задуши демонстрациите против пучот.
Во индустриските области во поранешниот главен град Јангон, Хлаинг Тар Јар и Шве Пји Тар, е воведена воена состојба, по насилството во кое се убиени 40, а се повредени неколку лица. Вкупниот број на загинати во насилствата од воениот пуч изнесува 110 лица.
Хунтата денес воведе вонредна состојба во уште четири области во источниот дел на Јангон.
Потегот се случи по неколку часа откако кинеската Амбасада во Јангон бараше сигурност и безбедност за кинеските инвестиции во земјата, откако хунтата ги обвини демонстрантите за предизвикување пожар во седум фабрики, а повеќето се фабрики за облека управувани од Кина, како и училишта во Хлаинд Тар Јар и Шве Пји Тар.
Кинеската Амбасада синоќа издаде соопштение во кое ги повикува мјанмарските власти да преземат ефективни мерки за да го запрат насилството и да ги казнат сторителите.
Шест населени области во Јангон во кои е воведена воена состојба се дом на индустриските работници, кои веќе се едни од најсиромашните во Мјанмар.
Хјуман рајтс воч (ХРВ) со седиште во Њујорк ги повика ОН и меѓународната заедница да почнат силни акции кон хунтата за злосторствата врз главно мирните демонстранти.