Ömer Faruk Yıldız
26 Април 2021•Ажурирај: 27 Април 2021
КУАЛА ЛУМПУР
Најмалку 751 лице се убиени за време на демонстрациите во Мјанмар, што започнаа откако на 1 февруари во таа земја е извршен воен удар, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во дневниот извештај на Здружението за помош на политичките затвореници (AAPP) се наведува дека во изминатите 24 часа починале 6 лица.
Исто така, во извештајот се наведува дека вкупниот број на убиени се зголемил на 751, а приведени се 3.431 лице.
Се додава дека е издаден налог за приведување на 1.159 лица кои се противат на воениот пуч.
- Приведен е писател кој е против пучот
Од друга страна, се дознава дека во Мјанмар е приведен писателот и новинар Ту Ту Та, кој ги поддржувал протестите против воениот удар.
Во изјавата за веб-страницата „Myanmar Now“, членовите на семејството истакнаа дека Та заедно со неговиот 18-годишен син се приведени од нивниот дом во областа Танли во Јангон околу 24 часот на 24 април.
Неговите блиски наведоа дека не знаат каде е однесен приведениот Та.
- Воен удар во Мјанмар
Армијата на Мјанмар ја презеде власта на 1 февруари и прогласи воена состојба во траење од една година. Беа притворени претседателот Вин Минт, челничката на земјата, Су Чу, како и останатите водечки членови на владејачката партија Национална лига за демократија (НЛД).
Додека во земјата се одржуваат демонстрациите што започнаа на 6 февруари со барање за враќање на демократијата во земјата, продолжува судењето на приведените високи државни функционери пред Воениот суд.