свет

Мјанмар: Во вооружените интервенции на безбедносните сили досега животот го загубија 738 цивили

Во дневниот извештај на Здружението за помош на политичките затвореници се наведува дека 3.261 лице се наоѓаат во притвор, 75 од нив се осудени, а издадени се налози за приведување за најмалку 970 лица

Pizaro Gozali Idrus  | 20.04.2021 - Обновена : 20.04.2021
Мјанмар: Во вооружените интервенции на безбедносните сили досега животот го загубија 738 цивили

ЏАКАРТА (АА) - Најмалку 738 лица се убиени за време на демонстрациите во Мјанмар, што започнаа откако на 1 февруари во земјата е извршен воен удар, се потврдува од Здружението за помош на политичките затвореници (AAPP), пренесува Агенција Анадолија (АА).

Во дневниот извештај на Здружението за помош на политичките затвореници се наведува дека 3.261 лице се наоѓаат во притвор, 75 од нив се осудени, а издадени се налози за приведување за најмалку 970 лица.

Во меѓувреме, повеќе од 1.500 жители од подрачјето на Момаук во државата Качин ги напуштија своите домови по жестоките борби помеѓу Армијата на независноста „Качин“ (КИА) и Војската на Мјанмар во текот на претходната недела, објавија локалните медиуми.

Раселените се од селата Си Хут, Коне Лау, Мјо Хаунг, Мјо Тит, Шве Мјаунг, Намт Лан, Моне Кат, Наунг Кон и Нант Нгое од подрачјето на Момаук, според „The Irrawaddy“.

„Воените тензии се зголемуваат. Селаните решија да побегнат бидејќи борбите може да избијат во секое време, вклучително и можноста за бомбардирање од воените авиони“, изјави еден од селаните.

Свештеникот Сенг Аунг од Баптистичката конгрегација во Момаук изјави дека црквата засолнила најмалку 150 домаќинства или околу 600 лица.

„Бидејќи некои луѓе беа убиени од артилериските напади, останатите побегнаа од селата. Тие немаа време да земат со себе ништо. Ние им го обезбедивме она што им е потребно, односно сместување и оброци“, додаде тој.

Војската на Мјанмар - официјално позната како Татмадау - ја презеде власта во земјата на 1 февруари, соборувајќи ја избраната влада на Аунг Сан Су Чи.

Како одговор на државниот удар, цивилните групи низ целата земја започнаа кампања за граѓанска непослушност со масовни демонстрации. Воената хунта користи брутални методи за да го задуши движењето кое се зголемува.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.