Betül Yürük
20 Април 2021•Ажурирај: 21 Април 2021
ЊУЈОРК
Светската метеоролошка организација (WMO) соопшти дека 2020 година била една од 3-те најтопли години досега, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според Глобалниот извештај за климата на Светската метеоролошка организација (WMO), во 2020 година дури и економското забавување предизвикано од епидемијата од Ковид-19 не можело да ги спречи климатските промени и нејзините ефекти.
Исто така, во извештајот се наведува дека 2020 година била една од 3-те најтопли години регистрирани досега. Од друга страна, екстремните временски појави како што се ураганите, горештините, поплавите и шумските пожари, исто така, ги достигнаа своите највисоки нивоа низ светот.
Последните 6 години, од 2015 година досега, се евидентирани како најтопли години.
- Светот е „на работ на бездната“
На прес-конференцијата одржана по објавувањето на извештајот, генералниот секретар на Обединетите нации (ОН), Антонио Гутереш, предупредувајќи дека 2020 година била за 1,2 степени Целзиусови потопла од пред индустрискиот период, рече дека „сме на работ на бездна“.
Гутереш, повикувајќи ги владите да достават амбициозни планови за одржување на глобалниот пораст на температурата на 1,5 степени Целзиусови и за намалување на емисиите на јаглерод на нула до 2050 година, рече: „Оваа година треба да биде година на акција.“
- „Времето истекува брзо“
Генералниот секретар порача дека времето брзо истекува за исполнување на целите од Парискиот договор за климата, Гутереш рече дека климатските промени ја загрозуваат и безбедноста на храната.
- Зелената економија ќе овозможи создавање на 25 милиони работни места
Меѓу другото, Гутереш нагласи дека борбата против климатските промени и преминот кон зелена економија ќе создадат 25 милиони работни места.
Исто така, според извештајот, во септември 2020 година морскиот мраз на Земјиниот Северен Пол (Арктикот) паднал на второто најниско ниво во историјата.
Триесетте бури што настанаа во Атлантскиот Океан минатата година убија најмалку 400 луѓе и предизвикаа штета од 41 милијарда долари, додека екстремните топли бранови, тешките суши и шумските пожари предизвикаа милијарди долари економски загуби и многу смртни случаи.
Како што пишува во извештајот, во првата половина на 2020 година околу 9,8 милиони луѓе биле раселени, главно поради хидрометеоролошките опасности и катастрофи.