Selçuk Acar
06 Јуни 2017•Ажурирај: 07 Јуни 2017
ЊУЈОРК (АА) - Генералниот секретар на Обединетите нации (ОН), Антонио Гутереш изјави дека океанот е во голема опасност, како никогаш порано, и доколку ништо не биде преземено, во океаните до 2050 година да има повеќе пластичен отпад отколку риби, јавува Anadolu Agency (AA).
Под покровителство на Генералниот секретаријат на ОН, во Њујорк почна Втората светска океанска конференција на којашто учествуваат генералниот секретар Антонио Гутереш и околу 200 претставници од други земји.
Гутереш во својот говор истакна дека океаните се изложени на голема закана, пред сѐ поради загадувањето, прекумерниот риболов и климатските промени. Како што рече тој, изворот на животот на планетата е загрозен како никогаш порано.
„Треба да ги заштитиме океаните со цел да ја спречиме глобалната катастрофа“, изјави Гутереш, додавајќи: „Ако не се направи ништо во однос на заштитата на океанот, до 2050 година водите на океаните ќе бидат побогати со пластичен отпад отколку со риба“.
Претседателот на Генералното собрание на ОН, Питер Томпсон, изјави дека е крајно време да се спречи загадувањето на океаните.
„Допуштивме во океаните да плови пластичен отпад, а тоа трагично ја уништува нашата природа“, рече Томпсон.
На првиот ден од конференцијата многумина дипломати изнесоа и критики на сметка на американскиот претседател Доналд Трамп, кој пред неколку дена го најави повлекувањето на САД од Парискиот климатски договор.