Ömer Faruk Yıldız
14 Април 2021•Ажурирај: 15 Април 2021
КУАЛА ЛУМПУР (АА) - Најмалку 714 лица се убиени за време на демонстрациите во Мјанмар, што започнаа откако на 1 февруари во таа земја е извршен воен удар, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во дневниот извештај на Здружението за помош на политичките затвореници (AAPP) се наведува дека во изминатите 24 часа починале 4 лица.
Исто така, се наведува дека вкупниот број на убиени се зголемил на 714, а приведени се 3.054 лица.
Се истакнува дека е издаден налог за приведување на 717 лица кои се противат на воениот пуч.
- Водачот на Армијата на Аракан истакна дека не сака протести -
Од друга страна, Тун Мјат Наинг, водачот на Араканската армија, една од етничките вооружени групи кои дејствуваат во провинцијата Аракан во Мјанмар, истакна дека не сака протести против пучот и граѓанска непослушност низ целата провинција.
На одржаната прес-конференција, Наинг наведе дека и покрај неговото спротивставување на вооруженото насилство на Армијата на Мјанмар против демонстрантите, протестите и актите на граѓанска непослушност можат да ги загрозат напорите за проширување на автономните права на Аракан.
Армијата на Аракан, Армијата на националната демократска алијанса на Мјанмар и Националната ослободителна армија „Таанг“ на 30 март соопштија дека ќе го раскинат договорот за прекин на огнот со Армијата и дека ќе им се придружат на демонстрантите доколку не биде запрена вооружената интервенција врз демонстрантите против пучот.
Вооружените групи потпишаа прекин на огнот со Армијата на Мјанмар во 2018 година.
- Воен удар во Мјанмар -
Армијата на Мјанмар ја презеде власта на 1 февруари и прогласи воена состојба во траење од една година. Беа притворени претседателот Вин Минт, челничката на земјата, Су Чу, како и останатите водечки членови на владејачката партија Национална лига за демократија (НЛД).
Додека во земјата се одржуваат демонстрациите што започнаа на 6 февруари со барање за враќање на демократијата во земјата, продолжува судењето на приведените високи државни функционери пред Воениот суд.