Dmitri Chirciu
02 Мај 2022•Ажурирај: 03 Мај 2022
КИЕВ (АА) - Муслиманите во Украина оваа година го одбележуваат Рамазан бајрам во сенка на војната, јавува Агенција Анадолија (АА).
Додека продолжува војната што започна на 24 февруари меѓу Русија и Украина, муслиманите во Украина ја преполнија централната џамија во Киев по повод Рамазан бајрам.
Претседателот на Конгресот на муслиманите во Украина, Сејран Арифов, одржа предавање по овој повод.
Арифов по клањањето Бајрам намаз во изјава за новинарот на АА истакна дека војната во земјата сè уште продолжува.
„Поголемиот дел од муслиманите беа принудени да ги напуштат своите домови поради нападите. Дел од нив се преселија во други зони во Украина, а дел од нив ја напуштија земјата. Посакувам сите муслимани да се вратат во своите домови, и да се обезбеди мир и безбедност во Украина“, рече Арифов.
Според него, во овој процес сите муслимани треба да се поддржат меѓусебно.
„Муслиманите треба да направат сè што е можно за закрепнување на раните на украинските народ и за подобрување на нивната состојба“, додаде тој.
Сејфула Рашидов, професор во државниот Универзитет „Измаил“ во Украина, посака мир за сите муслимани, упатувајќи честитки за Рамазан бајрам.
Али Асад, украински државјанин со палестинско потекло, рече дека се среќни што постеле за време на Рамазан и дека се среќни што го одбележуваат Рамазан бајрам.
„Посакуваме брзо да се стави крај на војната во Украина бидејќи никому не му се допаѓа оваа состојба“, рече Асад.