Муртезани: Процесот на членство во ЕУ мора да остане заснован на заслуги, а не на билатерални условувања
- „Веруваме дека процесот на проширување мора да остане заснован на заслуги и фер пристап, а не на билатерални условувања што се надвор од европските вредности и духот на Унијата“, рече Муртезани
СКОПЈЕ (АА) - Министерот за европски прашања Орхан Муртезани, утрово беше домаќин на министерката за европски прашања на Кралството Шведска, Јесика Розенкранц, која вчера и денес престојува во работна посета на Република Северна Македонија, јавува Анадолу.
Како што објави Министерството за европски прашања, Муртезани и Розенкранц одржаа тет-а-тет средба, по што се одржа пленарна седница меѓу двете делегации.
На средбите се разговараше за европската интеграција на Северна Македонија, билатералната развојна соработка и поддршката на Шведска во процесот на пристапување кон Европската Унија (ЕУ).
Министерот Муртезани ја истакна важноста на одржувањето на кредибилитетот на политиката за проширување како еден од клучните инструменти за стабилност и просперитет на континентот.
„Посетата на мојата шведска колешка носи порака на солидарност, доверба и визија за заедничка иднина во која Северна Македонија ја гледа својата заслужена позиција како рамноправна членка на европското семејство“, рече Муртезани.
Тој нагласи дека Северна Македонија останува посветена на реформите и спроведувањето на Копенхашките критериуми како фундаментален патоказ за членство во ЕУ.
„Веруваме дека процесот на проширување мора да остане заснован на заслуги и фер пристап, а не на билатерални условувања што се надвор од европските вредности и духот на Унијата“, рече Муртезани.
Муртезани и Розенкранц оценија дека билатералните односи меѓу Северна Македонија и Шведска се одликуваат со стабилност, заемно почитување и континуирано јакнење на соработката во сите области.
Тој изрази благодарност за досегашната поддршка и уверување дека оваа посета ќе придонесе за продлабочување на заедничките иницијативи, особено во сферата на зелената и дигиталната транзиција, иновациите и економскиот развој.
Во соопштението на Министерството се соопштува и дека во услови на глобални предизвици, соговорниците се согласиле дека обединета и стабилна Европа може да се гради само преку партнерства засновани на доверба, солидарност и заеднички вредности.
