свет

Муралите и портретите на ѕидовите низ Картум ја раскажуваат приказната за суданската револуција

- Инспирирани од популарните протести кои го соборија автократот Омар ал Башир од власт, графити-уметниците на ѕидовите низ главниот судански град, Картум, ги изразија своите аспирации за подобра иднина во Судан

Ekipa  | 17.07.2019 - Обновена : 21.07.2019
Муралите и портретите на ѕидовите низ Картум ја раскажуваат приказната за суданската револуција

КАРТУМ

Инспирирани од популарните протести кои го соборија автократот Омар ал Башир од власт, графити-уметниците на ѕидовите низ главниот судански град, Картум, ги изразија своите аспирации за подобра иднина во Судан, јавува Anadolu Agency (AA).

На ѕидовите во Картум се насликани мурали и портрети кои ги прикажуваат протестите што започнаа во декември минатата година против режимот на претседателот Омар ал Башир, а кој беше соборен во април оваа година.

Цртежите кои ги одразуваат слоганите на револуцијата за „слобода, правда и мир“, се исто така насликани на ѕидовите, како дел од кампањите за мобилизирање на демонстрантите кои бараат предавање на власта на цивилната администрација.

„Ние се сметаме за едни од вистинските иницијатори на оваа револуција“, изјави за АА графити-уметникот, Муханад Калафалах.

Тој рече дека поголемиот дел од ѕидовите во многу области низ Картум се насликани од уметниците, кои на тој начин ги изразуваат своите соништа и аспирации.

„Уметноста секогаш цвета за време на револуциите“, изјави тој, додавајќи дека нивните цртежи ќе помогнат во инспирирање и поттикнување на јавноста да се собира сè додека нивните аспирации не бидат исполнети.

„Слободата на изразување е прашање што може да се гарантира во владата која ја претставува револуцијата“, рече тој.

Три месеци по соборувањето на Ал Башир, владејачкиот Воен совет во Судан ги отфрли барањата на демонстрантите да ја предаде власта на цивилната влада.

Тензијата меѓу двете страни уште повеќе се зголеми откако Војската ги растури големите протести во близина на седиштето на Армијата во Картум, при што беа убиени голем број демонстранти.


- Глас на револуцијата

Калафалах изјави дека уметниците ги насликале сите ѕидови околу демонстрантите, кои се собираат во близина на седиштето на Армијата.

„Ние го насликавме поголемиот дел од околу 10 километри од ѕидовите и земјата, каде што се одржуваа демонстрациите пред седиштето на Армијата во Картум“, изјави тој.

„Деноноќно работевме за да ја завршиме својата работа за време на протестите, но безбедносните органи ја уништија нашата работа откако ги разбркаа демонстрантите“, изјави тој.

„Планиравме да ја претвориме областа во голема изложба која ја прикажува големината на нашата револуција, но непријателите на револуцијата намерно ја уништија нашата работа откако ги разбркаа демонстрантите“.

Истакнатиот судански музичар Мохамед Марзоог изјави дека музичарите, исто така, одиграле голема улога во собирите за поддршка за суданската револуција.

„Музиката и песните се гласот на револуцијата“, рече Марзоог за АА.

„Ние не се претставуваме себеси. Ние го покажуваме пулсот на луѓето и револуцијата“, изјави музичарот.

Тој вели дека музичарите, уметниците и пејачите биле угнетени под режимот на Ал Башир.

„Затоа на оваа револуција имаше големо присуство на уметници“, рече тој.


#blueforSudan (#синозаСудан)

Суданската дијаспора, исто така, се придружи на напорите за да се раскаже приказната за суданската револуција на овие ѕидови.

Графичкиот дизајнер во Берлин, Ахмед Ислам Алдин, за АА изјави дека Суданците кои живеат во странство биле ангажрани во кампањата за солидарност за поддршка на уметниците во нивната родна земја.

„Дизајнерите и уметниците ја исполнија виртуелната сфера со многу уметнички дела“, изјави тој и додаде:

„Некои беа употребени како постери за време на демонстрациите, а други беа употребени за да се подигне свеста меѓу демонстрантите“.

Ислам Алдин изјави дека биле започнати неколку онлајн платформи со цел да се поддржи собирот за суданската револуција.

Нашата платформа беше употребена за започнување на #прашајмезаСудан и #синозаСудан по приказната на Мухамед Матар и неговата омилена сина боја“, изјави тој.

Дваесет и шестгодишниот британско-судански инженер Матар беше убиен за време на насилното прекинување на демонстрациите во Картум.

Фотографијата на профилот на социјалните медиуми на Матар беше во темнa тиркизно-сина боја, откако тој почина.

Неговата смрт подигна илјадници симпатизери низ светот да ја променат својата слика на нивниот профил на Инстаграм во таа боја, во знак на нивна поддршка на демонстрантите во Судан.

Ислам Алдин изјави дека употребата на постерите и уметничките слогани за време на протестите во Судан довела до нов бум во уметноста и политичката уметност воопшто во Судан.

Во јануари, група уметници и куратори од дијаспората дошле со идеја да организираат изложби во различни престолнини за да ја подигнат свеста за суданската револуција. Изложбите се одржаа во Берлин, Венеција, Виена, Сиднеј, Париз и други градови.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.