İdris Okuducu
17 Ноември 2016•Ажурирај: 18 Ноември 2016
МОСУЛ (АА) - Цивилите кои поради операцијата за ослободување на Мосул од милитантите на ДЕАШ беа принудени да ги напуштат своите села во околината на овој ирачки град, не заминуваат во бегалските кампови поради стоката која ја чуваат и која им е единствен извор на приходи и егзистенција во тешките времиња, пишува Anadolu Agency (AA).
Бегалците се наоѓаат на претходно ненаселено подрачје, на брегот од реката Тигар (турски Диџле), каде што се надеваат дека ќе добијат некој вид хуманитарна помош. Во бегалските кампови не можат влезат поради стоката, која не можат да ја остават надвор од камповите.
Поради судирите на ирачката војска и милитантите на ДЕАШ, тие ги напуштија своите домови во селата во околината на Немруд, во југоисточниот дел на Мосул.
Селаните не сакаат да ја остават стоката, која им е единствениот извор на егзистенција и храна, и да отидат во бегалските кампови во подрачјето на Регионалната курдска управа на северниот дел на Ирак (IKBY).
На подрачјето на кое се сместени, тие се соочуваат со голем број проблеми поради недостатокот на храна и вода за пиење.
Меѓу нив е Кенан Ахмед, кој вели дека живееле на најплодното подрачје во Месопотамија, но немале доволно основни животни намирници. Според неговите зборови, откако се засилија судирите меѓу ирачката војска и милитантите, тие ги напуштија своите домови, а со себе ја зедоа и стоката.
„Тука сме околу три дена. Моментално, чекаме на брегот на реката. Ни фали храна, а имаме и проблеми со водата за пиење“, раскажа Ахмед.
Тој истакна дека не знаат кога ќе имаат можност да се вратат во своите куќи, можеби тоа ќе потрае еден месец, а можеби и година.
Касим Мухамед вели дека поради стоката не прифатиле да одат во бегалските кампови.
„Стоката е единствениот извор на приходи на овие луѓе. Кога ги напуштавме нашите домови, ја зедовме и стоката. Меѓутоа, веќе три дена не наоѓаме храна за нив“, вели Мухамед.
Ирачката војска, со поддршка на воздушната коалиција предводена од САД и локалните сојузници на теренот, на 18 октомври оваа година започна опсежна воена акција за ослободување на Мосул од ДЕАШ.
Терористичката организација го зазеде Мосул кон средината на 2014 година. Тогаш ДЕАШ освои и големи делови од територијата во северен и западен Ирак.