Ruslan Rehimov
17 Ноември 2016•Ажурирај: 18 Ноември 2016
БАКУ (АА) – Државната азербејџанска новинска агенција (АЗЕРТАК) го презеде претседателствувањето со Конгресот на светските новински агенции (NAWC), јавува Anadolu Agency (AA).
Заврши 5. Конгрес на НАВЦ во Баку. На крајот од конгресот, кој траеше два дена, беше прифатен извештајот, и за следните 3 години претседателството го презеде АЗЕРТАК.
Генералниот директор на АЗЕРТАК, Аслан Асланов, во изјава за АА рече дека НАВЦ е една од највлијателните институции во утврдувањето на светската политика на информации.
Асланов изјави дека НАВЦ ги собра на едно место Европската алијанса на новински агенции (ЕАНА), Федерацијата на арапските новински агенции (ФАНА) и Организацијата на азиско-пацифички новински агенции (ОАНА), и додаде оти целта на оваа институција е да се најде решение за проблемите на светските медиуми.
Асланов нагласи дека НАВЦ го очекува сериозна работа во една ваква ситуација, кога е оформено ново новинарство преку социјалните медиуми, додека традиционалните медиуми се соочуваат со одредени проблеми. „Во минатите три години се разгледани одредени работи, во насока на подобрување на активностите на конгресот. На конгресот, овде во Баку, генералниот секретар на ОН упати честитки. Претседателот Илјам Алијев присуствуваше на отворањето“, истакна Асланов.
Тој рече дека постојано ја истакнуваат важноста на соработката меѓу АЗЕРТАК и АА и додаде: „Ние сме во пријателски и братски односи. Нашите односи со АА се на високо ниво. Отсекогаш сме си давале поддршка. Пријателството и братството меѓу нас е корисно, како за народот, така и за агенциите. Сигурен сум дека нашата соработка ќе ја продолжиме во рамките на НАВЦ, но и во ОАНА. Ние имаме потреба од АА, како што таа има потреба од нас. Размената на информации, како и пријателството, се важни и за двете агенции“.
- „Ја истакнавме пристрасноста на западните медиуми“
Претставникот на АА, заменик-претседателот на управниот одбор, Шабан Кизилдаг ѝ честита на АЗЕРТАК за преземањето на претседателството.
„Секогаш сме на страната на пријателската и братска држава Азербејџан“, рече Кизилдаг и додаде дека смета оти заедно, во рамките на агенциското новинарство можат да направат убави работи.
Тој истакна дека конгресот поминал успешно и дека АА ја испрати потребната порака.
„На овој состанок, каде што стануваше збор за иновациите во новинарството, нагласивме дека западните медиуми во известувањата за Палестина, Ирак и за Сирија пристапуваат пристрасно, а се жалат дека новинските агенции не произведуваат доволно вести. Нагласивме дека најважната тема за денес е слободното новинарство и вреднувањето на сите луѓе. Исто така, нагласивме дека светот е поголем од 5 и во еден ваков свет, немаме шанси да ја пренесеме вистината со затворени очи. Се надевам дека во иднина сите ќе произведуваат вести и политика со објективни критериуми, како што му доликува на човечкото достоинство“, истакна Кизилдаг.
На 5. Конгрес на светските новински агенции присуствуваа 200 претставници од агенции од 80 држави. Покрај Кизилдаг, АА ја претставуваше и челникот на управниот одбор, Бахадир Сарачгил и помошникот генерален директор, Мустафа Озкаја.