Burç Eruygur
10 Јануари 2025•Ажурирај: 12 Јануари 2025
КИШИЊЕВ (АА) - Молдавија вчера го повикала рускиот вршител на должност амбасадор поради, како што ја опиша, „дезинформацијата“ од московската Амбасада во Кишињев во врска со енергетската криза во нејзиниот отцепен регион Придњестровје, јавува Анадолу.
Во соопштението на Министерството за надворешни работи на Молдавија се вели дека Александар Андреев бил повикан во Министерството каде што бил информиран за ставот на Кишињев за „неприфатливата природа на лажните изјави“ кои ја поткопуваат политичката и економската стабилност на земјата.
„Министерството за надворешни работи нагласи дека одговорноста за енергетската криза во регионот на Придњестровје е исклучиво на Руската Федерација и компанијата 'Гаспром', кои одлучија да ја прекинат испораката на гас спротивно на договорните обврски“, се вели во соопштението.
Во соопштението се вели дека Министерството постојано барало од руската Амбасада да ја прекине својата „кампања на дезинформации“ и „манипулирање со факти и создавање лажни наративи“, бидејќи тоа им штети на врските меѓу Молдавија и Русија, истовремено зголемувајќи ги регионалните тензии.
Руската енергетска компанија „Гаспром“ на 28 декември објави дека од 1 јануари ќе ја прекине испораката на гас за Молдавија, наведувајќи го како причина „одбивањето на молдавската страна да го подмири долгот за испорака на гас“.
Во исто време, на 1 јануари истече петгодишниот договор меѓу Москва и Киев за транзит на руски гас преку Украина, откако Украина одби да го продолжи среде војната.
Во средината на декември, молдавските власти воведоа двомесечна вонредна состојба во енергетскиот сектор на земјата.
Молдавското Министерство за надворешни работи потврди дека прекинот на испораката на руски гас за Придњестровје има за цел да ја дестабилизира земјата и дека изјавите на руската дипломатска мисија се обид да се „манипулира јавното мислење“ и да се префрли вината за кризата врз Кишињев или Киев.