Saadet Firdevs Aparı
30 Декември 2021•Ажурирај: 01 Јануари 2022
АНКАРА
Поранешна модераторка на содржините на „ТикТок“ поднесе тужба против компанијата, тврдејќи дека не е во состојба да го одржи своето ментално здравје поради „постојаната изложеност на трауматски видеосодржини“, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според извештајот на „Би-би-си“ (BBC), Кенди Фрeјзер, една од поранешните модератори на компанијата, тврди дека гледала „екстремно и впечатливо насилни“ видеа до 12 часа на ден и затоа претрпела „значајни психолошки трауми“, вклучувајќи анксиозност, депресија и посттрауматско стресно нарушување.
Фрејзер ги тужи и „ТикТок“ и кинеската матична компанија „Бајтданс“.
Истакнувајќи дека требало да прегледува стотици видеа дневно, Фрејзер рече дека додека работела како модератор, гледала сензационални содржини како што се сексуални напади, канибализам, геноцид, масовни убиства, сексуална злоупотреба на деца и осакатување на животни.
Фрејзер истакна дека не може да го заштити своето ментално здравје поради содржините што ги гледала.
Таа во тужбата исто така тврди дека за време на 12-часовната смена, на модераторите им била давана пауза од 15 минути по првите четири часа работа, а потоа пауза од 15 минути на секои два часа, додека пауза за ручек немало.
Фрејзер, исто така наведува дека „ТикТок“ не ги исполнува стандардите, не обезбедува безбедна работна средина и затоа ги има прекршено работните закони во Калифорнија.
„ТикТок“, кој не ја коментира тужбата, изјави дека фирмата се стреми да обезбеди „добра работна средина“ за вработените.
„Нашиот безбедносен тим соработува со компании од трети страни за да помогне во заштитата на платформата и заедницата на „ТикТок“. Продолжуваме да работиме на низа услуги за здрав живот, за модераторите да се чувствуваат ментално и емоционално поддржани“, се нагласува во соопштението на компанијата.