Associated Press
15 Септември 2023•Ажурирај: 19 Септември 2023
ЛОНДОН (АА) - Европските регулатори денес го казнија ТикТок со 368 милиони долари поради пропустот да ја заштити приватноста на децата, што е првпат популарната апликација за споделување кратки видеозаписи да биде казнета поради кршење на строгите европски правила за приватност на податоците, пренесува Анадолу.
Ирската комисија за заштита на податоци, водечки регулатор за приватност за големите технолошки компании чие европско седиште претежно е во Даблин, соопшти дека го казнува ТикТок со 345 милиони евра за прекршувања кои датираат од втората половина на 2020 година.
Истрагата откри дека процесот за регистрација на тинејџерите резултирал со поставки кои нивните профили, според зададените поставки, ги направиле јавни, дозволувајќи им на сите да ги гледаат и коментираат нивните видеа.
Зададените поставки, исто така, претставуваа ризик за децата помлади од 13-години кои добија пристап до платформата иако не им е дозволено.
Исто така, функцијата „семејно спарување“ дизајнирана за родителите да управуваат со поставките не беше доволно строга, дозволувајќи им на возрасните да вклучат директна размена на пораки за корисници на возраст од 16 и 17 години без нивна согласност.
ТикТок преку соопштение истакна дека не се согласува со одлуката, „особено со висината на изречената казна“.
Компанијата наведе дека критиките на регулаторот се фокусирани на карактеристиките и поставките кои датираат од пред три години. ТикТок соопшти дека вовел промени долго пред да започне истрагата во септември 2021 година, вклучително и претворање на сите профили за тинејџери помлади од 16 години во приватни и оневозможување директна размена на пораки за деца на возраст од 13 до 15 години.
Ирското регулаторно тело е критикувано дека не започнало со истрагата доволно брзо за да ги истражи големите технолошки компании по стапување на сила на законите за приватност на ЕУ во 2018 година.
Инстаграм, ВатсАп и нивниот сопственик Мета се меѓу другите технолошки гиганти кои ирското регулаторно тело ги казни со големи казни изминатата година.