Alperen Aktaş
02 Март 2024•Ажурирај: 04 Март 2024
ХАГ (АА) - Никарагва вчера поднесе барање против Германија до Меѓународниот суд на правдата (МСП), обвинувајќи ја дека дозволила геноцид во Газа, јавува Анадолу.
„Никарагва тврди дека со обезбедување политичка, финансиска и воена поддршка на Израел и укинување на финансирањето на Агенцијата на Обединетите нации за помош на палестинските бегалци на Блискиот Исток (UNRWA), Германија помага во извршувањето геноцид и не успеала во обврската да направи сѐ што е во нејзина моќ за да спречи извршување на геноцид“, објавено е во соопштението на МСП.
Никарагва побара од Судот да донесе привремени мерки „во врска со германското учество во тековниот веројатен геноцид и сериозните прекршувања на меѓународното хуманитарно право и другите норми на меѓународното право во Појасот Газа“.
Во израелските напади, кои почнаа по 7 октомври 2023 година, загинаа над 30.000 луѓе.
Кон крајот на 2023 година, Јужноафриканската Република поднесе жалба до Меѓународниот суд на правдата, обвинувајќи го Израел дека не ги исполнил своите обврски од Конвенцијата за геноцид од 1948 година.
Судот на Обединетите нации (ОН) во јануари донесе привремена пресуда дека тврдењата на Јужноафриканската Република се убедливи. Тој наложи привремени мерки кон израелската влада да се откаже од геноцидните дела и да преземе мерки за да осигура обезбедување хуманитарна помош за цивилите во Газа.