Ali Cura
19 Септември 2018•Ажурирај: 20 Септември 2018
МОСКВА (АА) - Министерството за надворешни работи на Русија ги повика денес амбасадорите на Швајцарија и Холандија, откако во овие земји се појавија тврдења за „руските шпионски активности“, јавува Anadolu Agency (AA).
Во соопштението од руското МНР е наведено дека во тоа министерство е повикан амбасадорот на Швајцарија во Русија, Ив Росиер. На амбасадорот во таа прилика му е пренесно дека обвиненијата на сметка на Русија за шпионските активности во неговата земја претставуваат чекори кои се штетни за руско-швајцарските односи.
Истата порака, дека тврдењата за шпионирање би можеле да ги нарушат билатералните односи, во руското Министерство е пренесена и на амбасадорката на Холандија во оваа земја, Рене Џонс-Бос.
Во швајцарските медиуми минатата недела се појави текст за двајца руски државјани кои се уапсени, па пуштени на слобода во Холандија. Наведено е дека потоа влегле на територијата на Швајцарија, каде што ја следеле работата на одредени швајцарски хемиски лаборатории и државни институции. Некои од медиумите објавија дека станува збор за руски шпиони.