Lejla Biogradlija
04 Јули 2023•Ажурирај: 04 Јули 2023
БЕЛГРАД (АА) - Премиерите на Холандија и на Луксембург синоќа ги повикаа Србија и Косово да ги намалат тензиите „колку што е можно поскоро“ и да го продолжат дијалогот со посредство на Брисел, јавува Анадолу.
Холандскиот премиер Марк Руте и неговиот луксембуршки колега Ксавиер Бетел одржаа прес-конференција со српскиот претседател Александар Вучиќ во рамките на нивната посета на Белград.
Руте истакна дека неговата земја е загрижена поради зголемените тензии меѓу Косово и Србија.
„Двете страни треба да преземат чекори за намалување на тензиите и да го продолжат дијалогот под чадорот на Европската Унија“, рече тој.
Бетел, од своја страна, изјави: „Разговаравме за тензиите... Го охрабривме продолжувањето на дијалогот меѓу Белград и Приштина.“
Двајцата лидери денес ќе ја посетат Приштина и ќе разговараат со косовската претседателка Вјоса Османи и со премиерот Албин Курти.
По изборите во април во северниот дел на Косово, ЕУ истакна дека слабиот одѕив на локалните Срби не им обезбедил на општините долгорочни политички решенија.
Етничките Срби во регионот протестираат против изборот на албански градоначалници од крајот на мај.
На 30 мај НАТО одлучи да распореди уште 700 војници во Косово во рамките на КФОР, мировната мисија на Алијансата во Косово, откако 30 нејзини војници беа повредени во немирите. Меѓу новораспоредените војници има и контингент турски војници.
ЕУ бара Косово и Србија да постигнат конечен договор и да ги решат меѓусебните спорови за да продолжат со нивната интеграција во блокот.