Ahmet Gençtürk
03 Јануари 2025•Ажурирај: 03 Јануари 2025
АТИНА (АА) - Министрите за надворешни работи на Германија и Франција, Аналена Баербок и Жан-Ноел Баро, отпатуваа во посета на Дамаск, јавува Анадолу.
Тоа е прва посета на европските министри за надворешни работи на Сирија по падот на режимот на Башар ал Асад, односно по прекинот на дипломатските врски меѓу Европската Унија и оваа земја пред околу 12 години.
Двајцата министри ќе се состанат со Ахмед Шара, лидерот на новата сириска администрација, како и со претставници на сириското граѓанско општество, се наведува во соопштението на германското Министерство за надворешни работи.
„По падот на бруталниот режим на Асад, Сирија е на пат кон нов почеток по кој луѓето копнееја. Со своето патување во Дамаск министерката за надворешни работи Баербок и нејзиниот француски колега Баро јасно ставија до знаење дека, во името на ЕУ, ние сме подготвени да ја поддржиме Сирија во нејзиното политичко обновување и мирниот трансфер на власта, реконструкцијата и, последно, но не и најмалку важно, во процесот на општествено помирување“, се наведува во соопштението.
Пред посетата Баербок изјави дека „болното поглавје од владеењето на Асад е завршено“.
„Почна ново поглавје, но сè уште не е напишано. Во овој момент Сиријците имаат можност судбината на својата земја да ја вратат во свои раце, а исто така да ги затворат длабоките и отворени рани“, рече Баербок.
Францускиот министер за надворешни работи Баро на социјалната мрежа X напиша дека „во Сирија сакаат да промовираат мирна транзиција во служба на Сиријците и регионалната стабилност“.