Barış Seçkin
19 Јануари 2024•Ажурирај: 22 Јануари 2024
РИМ (АА) - Италија е подготвена да испрати мировни сили во Појасот Газа доколку е потребно, изјави денес италијанскиот министер за надворешни работи Антонио Тајани, пренесува Анадолу.
Над илјада припадници на италијанскиот воен персонал веќе учествуваат во рамките на привремените сили на Обединетите нации во Либан (УНИФИЛ), изјави за Радио24 вицепремиерот и министер Тајани.
„Доколку биде потребна мировна мисија во Газа, ние сме подготвени да испратиме наш воен персонал како мировници на ОН“, рече тој.
Тајани додаде дека Соединетите Американски Држави (САД) сè уште не побарале проширување на либанската мисија.
Тој додаде дека во понеделник во Брисел, на состанокот на Советот за надворешни работи на Европската Унија, ќе говори за поморската безбедност во регионот на Црвеното Море.
Италија го поддржува создавањето на мисија на ЕУ за осигурување на поморската безбедност во Црвеното Море, истакна Тајани.
САД и Велика Британија извршија напади врз повеќе позиции и бази на Хусите во Јемен како одговор на нападите на јеменската група врз бродови во Црвеното Море и Аденскиот Залив, за кои таа вели дека се мерка против смртоносните напади на Израел во Газа.
Црвеното Море е една од најчесто користените поморски рути во светот за испорака на нафта и гориво. Се користи за транзит помеѓу египетскиот Суецки Канал и Аденскиот Залив, овозможувајќи им на бродовите да го избегнат многу поскапиот и подолг пат крај јужниот брег на Африка.