Министерот Муцунски истакна дека ни е потребно модерно, отпорно ОБСЕ, ориентирано кон актуелниот контекст
„Нам ни е потребна модерна, отпорна организација, ориентирана кон актуелниот контекст. ОБСЕ, како основа на колаборативната безбедност, подготвена активно да го поддржува мирот и да игра истакната улога во закрепнувањето на Украина“, посочи Муцунски.
СКОПЈЕ (АА) - Министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Северна Македонија, Тимчо Муцунски, денес учествуваше и се обрати на Министерскиот совет на ОБСЕ, кој се одржува во Виена, Австрија, известува Анадолу.
Во обраќањето пред министрите за надворешни работи и другите високи претставници на земјите учеснички, министерот Муцунски се осврна на безбедносните предизвици со кои се соочува ОБСЕ, како и на состојбите во рамките на организацијата.
Реафирмирајќи ја посветеноста на Северна Македонија на темелните вредности и заложби на ОБСЕ, Муцунски ги посочи сериозните реперкусии од агресијата на Руската Федерација во Украина врз регионалната безбедност и сигурност, како и нејзиното штетно влијание врз внатрешните односи во рамките на организацијата, поларизацијата, отсуството на суштински дијалог и недовербата.
Тој изрази поддршка за мировните напори, иницијативи и дипломатски разговори што се водат од двете страни на Атлантикот.
Министерот Муцунски особено се осврна на состојбите во ОБСЕ и сложената политичко-безбедносна ситуација. Зборувајќи за структурната криза во која се наоѓа организацијата, тој ја истакна неопходноста од нејзино надминување и потенцираше дека на ОБСЕ ѝ се потребни оперативна предвидливост и непречена функционалност.
„Нам ни е потребна модерна, отпорна организација, ориентирана кон актуелниот контекст. ОБСЕ, како основа на колаборативната безбедност, подготвена активно да го поддржува мирот и да игра истакната улога во закрепнувањето на Украина“, посочи Муцунски.
Осврнувајќи се на повикот за зголемена „отпорност“, како централна тема на состанокот, Муцунски истакна дека во денешното безбедносно опкружување отпорноста се однесува на подготвеноста и способноста на земјите учеснички ефикасно да одговорат на сегашните и идните безбедносни предизвици.
Во тој контекст тој ја нагласи важната улога на теренските мисии на ОБСЕ, потенцирајќи дека тие претставуваат катализатори на трансформација, дизајнирани да ги зајакнуваат државите во реализацијата на нивните стратегиски приоритети. Муцунски посочи дека, гледано низ призмата на денешниот сложен безбедносен контекст, отсуството на политичка волја во поддршка на нивната стратегиската агенда или, уште повеќе, тенденцијата на активно превенирање претставува стратегиска кратковидост, што се коси со колективните напори за изградба на мирољубиви, стабилни и просперитетни општества. Тој додаде дека и покрај сите пречки и предизвици, македонското општество демонстрира јасна посветеност за остварување на европските аспирации.
„Со реализацијата на оваа стратегиска цел, нашиот регион ќе се трансформира од граница во мост на ЕУ, во генератор на стабилност, иновации и идеи, како и заштитник од нестабилност и штетни влијанија“, рече министерот Муцунски.
Во продолжение министерот се осврна на ангажманот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, истакнувајќи ја нејзината важна улога во поддршката на националната реформска агенда. Тој посочи дека идната улога на Мисијата треба да кореспондира со новата реалност и опкружувањето во кое ОБСЕ функционира во државата, земајќи го предвид исчекорот во стратегиските приоритети, реформскиот напредок и институционалната зрелост. Во таа насока, идниот ангажман и присуството на ОБСЕ треба да бидат насочени кон поддршка на тековните и идните реформски приоритети на Владата.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
