Murat Temizer
05 Април 2023•Ажурирај: 06 Април 2023
ВАРШАВА (АА) - Министерот за земјоделство на Полска, Хенрик Ковалчик, поднесе оставка, тврдејќи дека основните барања на земјоделците во земјата не можат да се исполнат, јавува Анадолу.
Ковалчик на конференцијата за новинарите потсети на потешкотиите со кои земјоделците се соочиле во последно време, особено во поглед на житните култури.
Министерот Ковалчик, кој беше цел на протестите што траат со недели во земјата, соопшти дека поднел оставка, со образложение дека основните барања на полските земјоделци не може да се исполнат.
Земјоделците реагираа на неконтролираниот увоз на украинското жито во Полска и ја критикуваа Владата поради падот на цената.
Полскиот премиер, Матеуш Моравјецки, претходно ја критикуваше Европската Унија (ЕУ) затоа што не го исполни ветувањето дека житото увезено од Украина ќе го прати во земјите од Блискиот Исток и Африка.
Значителен дел од житото увезено од Украина остана во соседните земји на Украина, вклучувајќи ја тука и Полска, а земјоделците тврдат дека се соочуваат со проблем во продажбата на житните култури поради полните магацини и падот на цените.