Zehra Ulucak
21 Јануари 2020•Ажурирај: 23 Јануари 2020
ЊУЈОРК (АА) - Бројот на невработени во светот оваа година би можел да порасне за речиси 2,5 милиони лица, покажува најновата проценка на Меѓународната организација на трудот (ILO), јавува Агенција Анадолија (AA).
Во извештајот на организацијата, објавен во пресрет на Светскиот економски форум во Давос, се наведува и дека околу 473 милиони луѓе во светот не се вработени или се вработени на работни места што не можат да им овозможат задоволување на своите основни материјални потреби.
Според проценките на оваа агенција на Обединетите нации (ОН), стапката на невработеност во светот во 2020 година ќе се зголеми за првпат во последните десет години.
Во извештајот исто така се наведува дека оваа година поради нискиот економски раст во целиот свет, бројот на невработени ќе се зголеми за околу 2,5 милиони и ќе надмине 190 милиони.
Се додава дека 119 милиони луѓе во светот се откажале од активно барање работа или пак им е оневозможен пристап до пазарот на трудот поради нивната лична ситуација.
Во извештајот се наведува дека 267 милиони луѓе на возраст меѓу 15 и 24 години немаат работа, ниту академско или стручно образование.
Генералниот директор на Меѓународната организација на трудот (ILO), Гај Рајдер, изјави дека сите земји треба итно да вложат дополнителни напори за подобрување на квалитетот на секој вид платен труд.