Davit Kachkachishvili
24 Август 2018•Ажурирај: 25 Август 2018
ТБИЛИСИ (AA) - Германската канцеларка Ангела Меркел денеска во текот на средбата со студентите на грузискиот Универзитет во Тбилиси рече дека поради проблемите со територијалниот интегритет, во краток временски период не е можно членство на оваа земја во НАТО, јавува Anadolu Agency (AA).
Меркел во утринските часови се состана со претставниците на грузиските опозициски партии. Таа изјави дека го поддржува влегувањето на Грузија во НАТО, меѓутоа таа земја најверојатно нема наскоро да му се приклучи на Северноатланскиот сојуз.
При посетата на Универзитетот, германската канцеларка одговараше на прашањата од студентите. Рече дека одредени подрачја на таа земја се под окупација.
Московското признавање на двете грузиски сепаратистички територии - Јужна Осетија и Абхазија го нарече „голема неправда“.
„Ова е окупација. Мојот одговор е дека се заземени 20 отсто од земјата и тоа е голема и очигледна неправда“, изјави Меркел.
Говореше и за членството на Грузија во НАТО, наведувајќи дека оваа земја полека се приближува кон членството во ЕУ и НАТО, но дека тоа не е можно да се случи во скоро време.
„Мораме да бидеме отворени, поради Јужна Осетија и Абхазија не можеме да зборуваме за брзо пристапување на Грузија во НАТО“, рече Меркел.
Германската канцеларка порача дека ЕУ и НАТО не се непријатели на Русија.
Меркел го напушти Тбилиси и отпатува за Ерменија. Во сабота ќе го посети Азербејџан, каде што се очекува да повика на мирно решавање на спорот помеѓу двете советски републики кои се борат за контрола на сепаратистичкиот регион Нагорно-Карабах.