Dildar Baykan
05 Јануари 2017•Ажурирај: 05 Јануари 2017
ХАЛАПА (АА) – Поради големиот пораст на цените на горивото, на повеќе места во Мексико се организирани протести, а ограбени се и голем број продавници, јавува Anadolu Agency (AA).
Во писмено соопштение од Националната асоцијација на продавници во Мексико се вели дека во Мексико Сити, како и во другите градови низ државата се ограбени 79 продавници, 170 се затворени или се окупирани.
Од Стопанската комора на градот Гулф Коуст, во провинцијата Веракруз изјавија дека се ограбени 50 деловни објекти, како продавници, супермаркети и големи продавници, при што е украдена облека, прехранбени производи, машини за перење алишта, телевизори, ДВД плеери, фрижидери. Не успеале обидите да се спречи толпата луѓе што краделе.
Властите од Веракруз изјавија дека во регионот се засилени полициските екипи и оти се приведени 14 лица вмешани во грабежите.
Се дознава дека низ другите градови во државата демонстрантите ги затвораат главните патишта, палат гуми и упаѓаат на бензински пумпи.
Од друга страна пак, претседателот на Мексико, Енрике Пена Нието застана зад мерките што резултираа со зголемување на цената на горивата за 20 проценти.
Нието изјави дека ги разбира реакциите на возачите на автобуси, камиони и такси-возила. „Доколку не преземевме вакви мерки, резултатите и ефектот ќе беа многу полоши“, додаде тој.
Мексикансакта Влада ги имаше укинато регулативите за цените на бензинот и дизел горивата. Се тврдеше дека регулативите што предвидуваа субвенционирање биле во корист на богатите Мексиканци, кои би добивале нефер приходи.
Државната нафтена компанија „Пемекс де Чиуауа“ објави застој во своите активности од работењето на аеродромите во Чиуауа и Баха Калифорнија доколку продолжи окупацијата на терминалите за гориво во провинциите Морелос и Дуранго.