Ekipa
02 Декември 2020•Ажурирај: 03 Декември 2020
АНКАРА (АА) - Иранските власти упатија директна закана до Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) дека ќе ги сметаат за директно одговорни доколку Соединетите Американски Држави (САД) од нивна територија извршат какви било напади на територијата на Иран, пренесува Агенција Анадолија (AA).
Порталот „Мидл ист ај“ (Middle East Eye) јави дека официјален Техеран ја испратил пораката до престолонаследникот на ОАЕ, Мухамед бин Зајед и дека во пораката е наведено дека Иран ќе ги нападне ОАЕ доколку САД го нападнат Иран од таа заливска земја.
„Ќе ве сметаме за одговорни и за убиството на експертот за нуклеарна физика Мохсен Фахризаде“, се наведува во пораката испратена од Техеран до Абу Даби.
Водечкиот ирански експерт во областа на развојот на нуклеарната и балистичката програма, Фахризаде, беше убиен минатата недела во атентат во Техеран, а Иран за убиството ги обвини израелските власти.
Истиот извор јавува дека неколку часа по заканата од Техеран, Министерството за надворешни работи на ОАЕ синоќа го осуди атентатот врз Факризаде и предупреди дека тоа може дополнително да ги ескалира конфликтите во регионот.
Паралелно со тоа, Израел нареди зајакнување на безбедносните мерки во сите дипломатско-конзуларни претставништва во светот.
Израел и ОАЕ во септември потпишаа договор за нормализација на односите, а ист договор со Израел потоа потпиша и Бахреин.