Mohammad Sıo
05 Јули 2024•Ажурирај: 10 Јули 2024
АЛ-КУДС/ЕРУСАЛИМ (АА) - Според израелските податоци објавени денес, во северниот дел на Израел во ракетен оган од Либан се запалени околу 17.300 хектари земјиште, откако израелската Армија и Хезболах почнаа да разменуваат оган на 8 октомври минатата година, јавува Анадолу.
„Природните резервати во Галилеја и Голанската Висорамнина, вклучително и Нахал Дишон, Гамла, Нахал Хатзор, Мајрасе и Мешушим, беа тешко оштетени од пожарите“, пишува израелскиот весник „Хаарец“, повикувајќи се на изјава на израелската Управа за природа и паркови.
Последните пожари избувнаа вчера во северниот дел на Израел, откако беа истрелани повеќе ракети од Либан.
„Противпожарните и спасувачките тимови ја презедоа контролата врз повеќето од пожарите што избувнаа вчера во северниот дел на Израел по ракетниот напад лансиран од Либан“, пишува весникот.
Се истакнува дека „пожарите во шумата Бирија и во близина на реката Далијот во Голанската Висорамнина сè уште не се изгаснати“.
Тензиите покрај границата на Либан со Израел се зголемија поради прекуграничните напади меѓу Хезболах и израелските сили додека Тел Авив ја продолжува својата смртоносна офанзива на Појасот Газа, во која загинаа повеќе од 38.000 луѓе од 7 октомври минатата година.