Zehra Nur Düz,Sorvar Alam,Gözde Bayar
19 Декември 2019•Ажурирај: 19 Декември 2019
АНКАРА (АА) - На Самитот во Куала Лумпур, главниот град на Малезија, учествуваа лидери, официјални претставници и активисти од исламскиот свет за да дискутираат за актуелната ситуација и да трагаат по решенија за кризата со која муслиманите се соочени, јавува Anadolu Agency (AA).
Домаќинот на Самитот и премиер на Малезија, Махатир Мохамад, на церемонијата за отворање изјави дека исламскиот свет поминува низ очигледна криза и дека собирот во Куала Лумпур е добра можност за трагање по решение.
„Ако не најдеме решение за актуелните катастрофи, во најмала рака можеме да го разбудиме исламскиот свет, да сфати дека мора да ги препознава проблемите и нивните причини. Препознавањето на проблемите и нивните причини ќе ни го осветли патот за надминување и избегнување на катастрофите со кои исламскиот свет се соочува“, порача Махатир.
Тој изјави дека цел на Самитот во Куала Лумпур не е дискусија за религијата, туку ситуацијата и соработката во исламскиот свет.
„Сите сме свесни дека муслиманите и нивните земји се соочени со кризи. Сведочиме како муслиманските земји се уништуваат, нивните народи се протеруваат и ги принудуваат на бегство во немуслиманските земји. Илјадници страдаа на тој пат, а на многумина не им е доделен азил“, изјави Махатир.
Махатир изјави дека целта на Самитот е да се направи чекор и собраните идеи и предлози да се обидат да ги пренесат на повисока платформа.
Иранскиот претседател, Хасан Рохани, исто така им се обрати на учесниците на Самитот во Куала Лумпур и ја нагласи важноста на борбата за независност на муслиманските држави.
Рохани ги обвини САД дека ги користат санкциите како алатка за спроведување на хегемонистички планови.
Тој, исто така, рече дека нестабилностите во муслиманските земји го отвораат патот за интервенција од странство.
Меѓу бројните лидери на исламскиот свет на Самитот во Куала Лумпур се и турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, и катарскиот емир, Тамим бин Хамад ал Тани.