Betül Yürük
19 Декември 2019•Ажурирај: 20 Декември 2019
ЊУЈОРК (АА) - Претставничкиот дом на Конгресот изгласа отповикување на претседателот на САД, Доналд Трамп, а последното истражување на јавното мислење покажа дека на Трамп, од почетокот на тој процес, му се зголемила поддршката на јавноста за шест отсто, јавува Агенција Анадолија (AA).
Глобалната истражувачка куќа „Галуп“ спроведе истражување на поддршката што Трамп ја имал во јавноста.
Истражувањето покажа дека 89 отсто од републиканците во САД го поддржуваат Трамп.
На прашањето за процесот за отповикување на Трамп, 51 отсто од испитаните се изјаснија против процесот во Конгресот, додека 46 отсто го поддржуваат отповикувањето.
Истражувањето покажа дека Трамп ја ужива поддршката од 45 отсто од американската јавност, што е за шест отсто повеќе од поддршката што ја имал во пресрет на започнувањето на постапката за отповикување.
Претставничкиот дом на американскиот Конгрес синоќа изгласа отповикување на Доналд Трамп, со што тој стана трет американски претседател против кого е изгласана таква одлука.
Одлуката за можна злоупотреба на должноста и опструкција на Конгресот ќе биде упатена во Сенатот, Горниот дом на Конгресот, каде што ќе се одржи своевидно судење.
За одлуката за отповикување во Сенатот е потребна поддршка од двотретинско мнозинство на неговите членови за да Трамп го напушти Овалниот кабинет, а тоа значи дека републиканското мнозинство во Сенатот лесно може да ги блокира намерите на демократите.
На гласањето во Претставничкиот дом претходеше тримесечна истрага за обвиненијата дека Трамп вршел притисок на Украина да ги истражи неговите политички ривали и дека ја скратил американската безбедносна помош и прием на украинскиот претседател, Владимир Зеленски, во Белата куќа.
Истрагата доведе до обвиненија по две основи - за злоупотреба на позициите и опструкција на Конгресот.
Процедурата за отповикување на американски претседател е започната само два пати откако е донесен Уставот на САД. Претседателите Ендрју Џонсон (1868) и Бил Клинтон (1998) се ослободени од обвиненијата во Сенатот, додека Ричард Никсон (1974) отстапи од должноста пред да биде отповикан. Трамп е трет американски претседател кој се соочува со процедура за отповикување во Сенатот.