Gözde Bayar
19 Декември 2019•Ажурирај: 19 Декември 2019
КУАЛА ЛУМПУР (AA) – Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, изјави дека судбината на 1,7 милијарди муслимани во светот веќе не е во рацете на петте постојани членки на Советот за безбедност на Обединетите нации (СБОН), јавува Агенција Анадолија (АА).
Ердоган порача дека на системот, кој судбината на исламскиот свет ја препушта на волјата на пет држави, му истекол животниот век. Во воведното обраќање на Самитот во Куала Лумпур, главниот град на Малезија, турскиот претседател Ердоган порача дека светот е поголем од пет држави, односно од членките на Советот за безбедност, кои имаат право на вето на сите одлуки што ги донесува највисокиот извршен орган на Обединетите нации.
Ердоган континуирано повикува на структурална реформа на Обединетите нации, а на речиси сите поголеми меѓународни собири порачува дека судбината на светот веќе не може да биде препуштена на волјата на Кина, Франција, Русија, Велика Британија и САД.
„Турција не е и нема да потклекне пред притисоците, а не го направивме тоа ниту во текот на обидот за воен удар. Додека тие се обидуваат да ја замолчат Турија, ние инсистираме на фокусирање на кризата во Палестина, Газа, Аракан, Либија, Сомалија и Сирија“, рече Ердоган.
Тридневниот Самит во Куала Лумпур ги собра во главниот град на Малезија лидерите од исламскиот свет, а покрај Ердоган, пред присутните на отворањето на собирот им се обратија и иранскиот претседател Хасан Рохани, катарскиот емир Тамим бин Хамад Ал Тани и домаќинот на собирот, малезискиот премиер Махатир Мухамед.
На Самитот учествуваат стотици функционери, стопанственици и претставници на цивилниот сектор од исламскиот свет.