Yusuf Özcan
24 Август 2019•Ажурирај: 26 Август 2019
БИЈАРИЦ (АА) - Францускиот претседател, Емануел Макрон, истакна дека Амазон е заедничка вредност на човештвото, пренесува Anadolu Agency (AA).
Пред Самитот на Г7 во емисија во живо Макрон им се обрати на Французите и го оцени Самитот.
Наведувајќи дека Самитот е важен и дека земјите од Г7 треба да можат да дејствуваат заедно, Макрон рече дека е свесен за очекувањата на Французите од него за безбедност и стабилност во светот.
Макрон истакна дека на Самитот ќе бидат разгледани прашањата за проблемите во Либан, Иран, Сирија и Украина и дека сака да се постигнат ефективни договори за овие прашања.
„Ако Иран утре има нуклеарно оружје, тоа прашање нè интересира и нас. Ако има конфликти на Блискиот Исток, тоа ќе влијае и на нас. Ако не ги решиме проблемите во Либија, ние ќе продолжиме да бидеме изложени на овој миграциски скандал во Медитеранот“, нагласи Макрон.
Посочувајќи дека една од главните теми на агендата на Самитот е светската економија, Макрон рече: „Имам намера да ги убедам нашите партнери дека трговските тензии се лоши за сите.“
Истакнувајќи дека треба да се спречат трговските војни, Макрон рече дека главна тема на Самитот е борбата против нееднаквоста и затоа земји што не се во групата Г7 се поканети на Самитот.
Макрон, наведувајќи дека ќе се обидат да донесат поправедна економија на светот и дека ќе настојуваат да ги решат проблемите поврзани со климатските промени, рече дека претставниците на текстилниот сектор ќе придонесат на таа тема.
Посочувајќи дека Амазон е заедничка вредност на целото човештво, Макрон рече дека пожарите во регионот ги загрижуваат сите.
Макрон рече дека тие ќе му помогнат на Бразил во однос на шумските пожари.
Наведувајќи дека ќе ги земат предвид ставовите на групите против Г7, претседателот Макрон рече: „Ги повикувам да останат мирни и да водат дијалог.“
Групите против Г7 ќе одржат многу протести околу Бијариц за време на Самитот. Приведени се 17 лица, а 4 полицајци се повредени во инцидентите меѓу демонстрантите и полицијата, вчера во Уругина, место околу 20 километри од Бијариц. Демонстрантите се обиделе да го блокираат патот.
Четириесет и петтиот Самит на Г7 ќе започне денес со вечерата што ја организира Макрон во чест на лидерите на земјите од Г7. Самитот, на кој ќе се сретнат лидерите на САД, Франција, Германија, Велика Британија, Италија, Јапонија и Канада, ќе заврши во понеделник.
Од друга страна, на Самитот се преземени интензивни безбедносни мерки. Конкретно, во случај на терористички напад, во текот на Самитот ќе работат 13.200 полицајци и жандарми, како и 450 пожарникари.