Muhammed Emin Canik
27 Јуни 2019•Ажурирај: 28 Јуни 2019
КАРАКАС (АА) - Претседателот на Венецуела, Николас Мадуро, истакна дека е фатена групата која го извршила последниот обид за државен удар кој бил спречен, јавува Аnadolu Agency (AA).
- Венецуела: Спречен нов обид за државен удар -
Мадуро имаше свое обраќање на настан организиран во претседателската палата Мирафлорес во Каракас, каде што зборуваше за планот за извршување државен удар на 23-24 јуни, спречен од страна на безбедносните сили.
„Ја откривме и фативме терористичката група која се обиде да изврши пуч врз народот и демократијата на Венецуела. По следењето кое траеше 14 месеци, сторителите се фатени и уапсени“, рече Мадуро, додавајќи дека пучистите биле финансирани од страна на САД и Колумбија.
Мадуро нагласи дека меѓу пучистите се наоѓаат и Израелци, и дека пучистите имале план да извршат атентат врз него и да извршат бомбашки напад врз телефонската и интернет-инфраструктурата на земјата.
Тој пучистите ги опиша како фашистичка група и убијци.
„Дали е ова политика? За нив не можам да кажам дека се дисиденти, бидејќи оние кои сакаат да убиваат, да масакрираат и да бомбардираат, може да се нарекуваат само убијци, фашисти и терористи“, додаде тој.
Мадуро нагласи дека со напад ќе одговорат против овој нов обид за државен удар.