Elena Teslova
27 Август 2022•Ажурирај: 29 Август 2022
МОСКВА (АА) - Претседателот на Белорусија, Александар Лукашенко, вчера изјави дека воените авиони на неговата земја се опремени за носење нуклеарно оружје, известува Агенција Анадолија (АА).
„Треба да сфатат дека никакви хеликоптери, авиони, во случај на ескалација, нема да ги спасат“, рече за новинарите Лукашенко во главниот град Минск.
Тој рече дека во јуни побарал од рускиот претседател Владимир Путин да помогне во модернизацијата на белоруските воздухопловни сили, за да можат да одговорат на летовите на НАТО-авионите кои можат да носат нуклеарно оружје во близина на границата на Белорусија.
„Путин и јас разговаравме еднаш во Санкт Петербург дека дополнително ќе ги опремиме белоруските борбени авиони Су-25 да можат да носат нуклеарно оружје. Што мислите, дека тоа беа празни зборови? Сѐ е подготвено“, рече претседателот на Белорусија.
Лукашенко во јуни се жалеше на тренинг-летовите на НАТО-авионите со нуклеарно вооружување во близина на белоруската граница, барајќи помош од Путин „адекватно да одговори“.
Путин се согласи, наведувајќи дека белоруската Војска поседува голем број борбени авиони Су-25 кои можат да се опремат, со пилоти кои ќе ја минат обуката за новите можности на авионот.