Ekip
27 Август 2022•Ажурирај: 28 Август 2022
БРИСЕЛ (АА) - Високиот претставник на Европската Унија за надворешна политика, Жозеп Борел, вчера ја повика Русија да дозволи поправка на нуклеарната електрана во Запорожје во југоисточниот дел на Украина, известува Агенција Анадолија (АА).
„Ситуацијата околу нуклеарната електрана Запорожје и понатаму е исклучително загрижувачка“, објави Жозеп Борел на социјалната мрежа Твитер.
Тој ја повика Русија да „обезбеди непречена поправка на оштетениот далновод и повторно приклучување на украинската електроенергетска мрежа“ и „конечно“ да им дозволи на експертите на Меѓународната агенција за атомска енергија (IAEA) да влезат во објектот.
Во четвртокот Запорожје беше привремено исклучена од украинската електрична мрежа откако последниот преостанат далновод се запалил по гранатирање.
Украинската државна нуклеарна компанија Енергоатом објави дека снабдувањето со електрична енергија од таа постојка продолжило во петокот.
Руските сили го зазедоа објектот кој е од клучна важност набрзо по инвазијата во Украина извршена на 24 февруари.
Оттогаш меѓународната заедница, вклучувајќи ги и Европската Унија, Обединетите нации и САД, ја предупредуваат Москва да не ја користи електраната како штит во нападите на Украина и да прекине да ги крши правилата на атомска безбедност.
Запорожје е најголема европска нуклеарна електрана, што обезбедува околу 20 % од потребите за електрична енергија во Украина.