Tayfun Salcı
14 Август 2017•Ажурирај: 14 Август 2017
ЛОНДОН (АА) - Вооружените полицајци во Лондон ќе почнат да носат камери на нивните униформи, јавува Anadolu Agency (AA).
Лондонската полиција соопшти дека вооружените полициски службеници во текот на операциите ќе носат камери на нивните капи со цел да се обезбеди повеќе транспарентност.
Според соопштението на Скотланд јард, во првата фаза се нарачани илјада камери што ќе ги носат вооружените полицајци.
Смртта на младиот црномурест Марк Дуган, кој во 2011 година беше застрелан од страна на полицаец во Лондон, предизвика масовен револт во земјата. По овој случај, на дневен ред беше одлуката полициските службеници да носат камери на градите, но, според направените тестирања, камерите поставени на градите на полицајците не прикажуваат јасна слика поради движењето на рацете, коишто пречат при снимањето.
Во 2015 година еден вооружен полицаец го застрела и го рани Натаниел Брофи, но, по испитувањето на снимките од камерата поставена на градите, дојдено е до заклучокот дека овие снимки не можат да помагнат во расветлувањето на случајот. Потоа, Независната комисија за жалби против полицијата упати апел да се најде итно решение за проблемот со камерите.
Меѓу другото, 17.500 од вкупниот број полицајци кои патролираат во Лондон веќе носат камери на своите гради. Според соопштеното, се планира овој број да се зголеми на 22.000 до крајот на октомври.
Две млади црномурести момчиња го загубија животот во полициските операции на 15 јуни и 22 јули во Лондон. Во демонстрациите во врска со овие случаи настанаа тензии меѓу демонстрантите и полицајците.
Полицајците кои патролираат во Велика Британија не носат оружје, само оние што учествуваат во операции имаат право да носат оружје.