Ahmed Asmar
14 Февруари 2025•Ажурирај: 15 Февруари 2025
ГРАД ГАЗА (АА) - Локалните власти во Газа денес соопштија дека во палестинската енклава досега немаат влезено контејнери за домување, ниту тешка механизација за отстранување на урнатините, јавува Анадолу.
„Досега, ниту еден контејнер, ниту тешка опрема или механизација од оние стационирани на египетската страна на граничниот премин Рафа не влегле во Газа“, рече Салама Маруф, шеф на владината Канцеларија за медиуми.
Маруф изрази надеж дека влез ќе им биде дозволен во наредните часови, истакнувајќи ги „ветувањата од релевантните страни“.
„Ја чекаме неговата (Израел) посветеност кон договорот за прекин на огнот и почетокот на влегувањето на сите неопходни нешта наведени во хуманитарниот протокол (од договорот за прекин на огнот), во наведените количини и договорениот распоред“, додаде тој.
Маруф истакна дека „речиси 1,5 милиони луѓе останаа без покрив над главата откако нивните домови се уништени“, додека целото население на Газа од 2,4 милиони страда од недостаток на основни услуги и целосен колапс на инфраструктурата.
Бројот на убиени Палестинци во геноцидната војна на Израел од октомври 2023 година се искачи на 48.239, според најновите податоци на палестинското Министерство за здравство објавени вчера.
Договорот за прекин на огнот е во сила во Газа од 19 јануари, со што се запре израелската војна која предизвика огромно уништување и ја остави палестинската енклава во урнатини.
Меѓународниот кривичен суд во ноември издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана Јоав Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Израел се соочува и со случај за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата за неговите постапки во енклавата.