Mohammad Sıo
03 Август 2024•Ажурирај: 05 Август 2024
ГАЗА (АА) - Лидерот на Хамас, Халид Мешал, вчера повтори дека движењето нема да го признае Израел, тврдејќи дека убиството на шефот на Политичкото биро на групата, Исмаил Ханије, „само го зајакнува нашиот народ“, јавува Анадолу.
Тој ги даде изјавите за време на погребната церемонија на неговиот телохранител Васим Абу Шабан во џамијата Имам Мухамед бин Абдул Вахаб во Доха, Катар.
„Нема да правиме компромиси за принципите и нема да го признаеме Израел. Нашиот народ ќе го одржи нашето национално единство, продолжувајќи го патот на џихадот, отпорот и враќањето на нашите права“, рече Мешал.
„Нашите непријатели (Израел) не ја научија лекцијата; ги убиваат нашите лидери сто години, па што се случи?“ - праша реторички. „Секогаш кога умира еден лидер, доаѓа друг; ова само го прави нашиот народ посилен“.
Ханије беше убиен во средата во иранскиот главен град Техеран. Хамас и Иран го обвинија Израел за убиството, но Тел Авив не ја потврди, ниту ја негираше одговорноста.
Атентатот се случи неколку часа откако командантот на Хезболах, Фуад Шукр, беше убиен во израелски воздушен напад во јужното предградие на Бејрут.
Растат стравувањата за целосна војна меѓу Израел и Хезболах поради размената на прекугранични напади меѓу двете страни.
Ескалацијата дојде паралелно со смртоносниот израелски напад врз Појасот Газа, во кој досега загинаа речиси 39.500 Палестинци од октомври по нападот на палестинската група на отпорот, Хамас.